Министерството за здравство на Авганистан проценува дека скоро една третина од населението, односно десет милиони луѓе, било инфицирано со коронавирусот.
Министерот за здравство Ахмад Џавад Османи денеска пред новинарите рече дека истражувањето е засновано на тестови за антитела извршени на околу 9.500 луѓе низ целата земја, направени со техничка поддршка од Светската здравствена организација (СЗО).
Според проценките од истражувањето околу 31.5 отсто од населението од 32-милионската земја се заразиле од вирусот, со најголема стапка на инфекции во главниот град Кабул каде се верува дека биле заразени половина од населението од пет милиони жители.
Авганистан, кој има лоша здравствена инфраструктура и со децении е зафатен со војна, има ограничени капацитети за тестирање.
Официјално, земјата до 5 август има 36.829 позитивни случаи на коронавирусот и 1.294 смртни случаи, иако се верува дека реалните бројки се далеку повисоки.
Вирусот влезе во Авганистан во февруари, откако илјадници мигранти и бегалци се вратија од соседниот Иран – една од најтешко погодените земји во регионот.
Османи рече дека во тек е истражување за стапката на смртност од коронавирусот во Авганистан.