Во Античкиот театар во Охрид, со концерт посветен на нашата оперска примадона Ана Липша Тофовиќ, вечерва ќе биде отворено јубилејното 60. издание на „Охридско лето“. Концертот насловен „Вокални бисери – по стапките на Ана Липша“, на верната фестивалска публика ќе и понуди познати светски арии во изведба на солистите Марија Јелиќ (сопран), Дарио ди Виетри (тенор), Иван Томашев (бас) и Аманда Стојовиќ (мецосопран) во пијано придружба на Миливое Велиќ.
Свеченото отворање на нашата најреномирана музичко-сценска манифестација и целата фестивалска програма ќе се одржува во поинакви околности поради пандемијата на коронавирусот. Јубилејното фестивалско издание за првпат од 1961 година се одржува надвор од вообичаениот термин, од 4 август до 20 септември, со строги придржувања кон протоколите за заштита од ширење на Ковид-19. Од Управата на Фестивалот однапред е нагласено дека независно од интересот кај публиката за некоја од понудените содржини, во ниту еден случај нема да биде дозволено пречекорување на однапред предвидениот број седишта.
Охридско лето - Еднаш Карерас, другпат Лане моје
Во текот на наредните 28 фестивалски денови, на отворените сцени на Античкиот театар, Долни Сарај, предворјето на „Света Софија“, како и самата црква ќе има околу 300 уметници од 19 земји, како и голем број домашни уметници. Музичката програма на „Охридско лето“ годинава содржи 26 концерти, од кои два во фестивалската оф-програма.