Десетици илјади луѓе во Израел протестираа против невработеноста, корупцијата и справувањето со пандемијата на коронавирус од страна на премиерот Бенјамин Нетанјаху. Полицијата уапси 12 луѓе и користеше водени топови да ги растера демонстрантите денеска пред зора во Ерусалим, соопшти полицискиот портпарол Мики Розенфелд.
За прв пат од почетокот на бранот протести пред неколку недели, стотици луѓе се собраа пред домот на Нетанјаху во крајбрежниот град Кесарија.
Полицијата дозволи протести пред официјалната резиденција на Нетанјаху во Ерусалим, во приморски парк во Тел Авив и на други места во земјата до пред полноќ.
Синоќа по зајдисонце, демонстрантите се собраа пред приватната вила на Нетанјаху во приморскиот град Кесарија. Тие свиреа, чукаа на тапани и извикуваа: „Еден милион невработени“, „Оставка“ и „Премиер за криминал“.
Нетанјаху воведе строго затворање на средината на март, со што успешно беше ставен под контрола првиот бран на вирусот во Израел. Затворањето, пак, остро ја погоди економијата, а невработеноста во 9-милионскиот Израел достигна 20 отсто.
По олабавувањето на мерките во мај, бројот на заразени почна да се зголемува, а Израел сега има една од највисоките стапки на зараза по жител. Во моментов во земјата има 33 илјади активни случаи на коронавирус, а 27 илјади оздравеа.