Поранешниот висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, денеска го повика партискиот лидер да си поднесе оставка ако сака партијата некогаш да победи на избори. Неговата реакција следува по обвинувањата од партискиот портпарол Димче Арсовски, дека „Коневски е печалбар од ВМРО-СПМНЕ во СДСМ“ и дека затоа го критикувал партиското раководство.
„Мицкоски, ти го тераш портпаролот да пишува ниски лаги и клевети за мене. Со тоа само потврдуваш дека ти и твојот тим немате капацитет да се справите со искрените критики, упатени за доброто на ВМРО-ДПМНЕ. Што побрзо си одите ти и таа багра од партијата, толку побрзо ВМРО-ДПМНЕ ќе застане на чело на државата“, реагираше Коневски.
Мијалков и Тодоров бараат промени во ВМРО-ДПМНЕ
Претходно, портпаролот на партијата, Арсовски, го критикуваше Коневски за неговите барања за смени во партијата: „Добро е што Ивица Коневски излезе со став, инаку сликата на печалбар од ВМРО-ДПМНЕ не би била потполна. Очигледно адвокатурата му иде толку лошо, што сега има желба да менува професија и да се враќа во политика, каде што пак последните години од кариера му идеше уште полошо од адвокатурата сега“.
Вчера и поранешните високи партиски и државни функционери, Сашо Мијалков и Никола Тодоров, побараа смена на партиското раководство, по, како што рекоа, „поразот на изборите“.