Познатиот активист за граѓански права во САД Џон Луис, кој беше и поранешен соработник на славниот Мартин Лутер Кинг, почина на 81-годишна возраст, соопшти доцна синоќа Претставничкиот дом на американскиот Конгрес каде беше член.
„Америка денеска жали поради смртта на еден од најголемите херои во американската историја“ наведе претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси.
Луис, кој боледуваше од рак на панкреасот, со децении беше пратеник на Демократската партија.
Ненси Пелоси го опиша Луис како „великан на движењето за граѓански права, а неговата добрина, верба и храброст ја трансформираа американската нација.“
Луис како 21-годишен Афроамериканец беше еден од најмладите активисти кои се бореа против сегрегацијата во американското општество на почетокот на 60-тите години на минатиот век. Тој стана почитувана личност во САД поради неговата посветеност за еднаквост и праведност.
Полицијата неколку пати го претепа. Тој доби тешки повреди во 1965 година на мостот „Едмонд Петус“ во американската држава Алабама, каде беше предводник на мирен протест на неколку стотици активисти против расната дискриминација.
Луис, кој беше пратеник од сојузната држава Џорџија, во јуни се врати во Вашингтон и покрај болеста за да учествува на мобилизацијата на движењето против расизмот по неодамнешното убиство на Афроамериканецот Џорџ Флојд во Минеаполис.