Пандемијата на коронавирусот ќе се влоши ако земјите не се придржуваат до здравствените мерки за заштита, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО), пренесува Ројтерс.
„Дозволете ми да бидам јасен, бројни земји се движат во погрешен правец, вирусот останува непријател број 1“, рече генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус на виртуелниот состанок во Женева.
„Ако не се следат препораките, единствениот пат по кој ќе се движи оваа пандемија ќе биде сè полош и полош“, рече тој.
СЗО: Нов дневен рекорд на заразени со коронавирусот во светот
Во моментов над 13 милиони луѓе во светот се заразени со коронавирусот, а над половина милион луѓе починаа.
Гебрејесус, чие лидерство е остро критикувано од американскиот претседател Доналд Трамп, рече дека скоро половина од новите 230 илјади случаи во неделата доаѓаат само од две земји – САД и Бразил, кои се меѓу најпогодените од вирусот.
„Нема да има враќање на старото нормално во догледна иднина“, рече Гебрејесус.
Тој исто така рече дека не добил официјално известување за повлекувањето на САД од оваа организација, кое го најави американскиот претседател.