Границите со Србија и Косово остануваат отворени, откако Комисијата за заразни болести не даде препорака тие да бидат затворени поради состојбата со коронавирусот. Премиерот Оливер Спасовски во изјава за медиумите посочи дека засега нема одлука, што значи дека границите остануваат отворени.
„ Комисијата за заразни болести разговара прибира детални информации, ги анализира тие информации и ова не е прашање на политика и затоа Владата не може да носи одлука која би била политичка. Сакаме да носиме одлука како и досега, врз основа на мислењето на стручните луѓе, на епидемиолозите. Ако се согледа каква било потреба за каков било начин, не прејудицирам дали би било соодветен начин на преминување на граници итн., дури тогаш ќе разговараме на Влада и ќе ја носиме таа мерка“, изјави Спасовски при денешната посета на Чучер Сандево.
Денеска одлука за можен режим на границите со Србија и Косово
Претходно, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, посочи дека евентуалното затворање на границите со двата соседа ќе биде поради епидемиолошката слика, односно бројот на заболени од коронавирусот кој го има во тие земји, но нема да се донесе без јасна препорака од епидемиолозите.
„ Главната калкулација е епидемиолошката слика. Ќе биде тешко таа одлука да се донесе ако не сме заедно со епидемиолозите. Ако денеска нема јасна препорака, треба да се продолжи разговорот за да се донесе. Ќе се следи ситуација, редовно, каква е ситуација во сите соседни држави“, рече Димитров.
Според последните податоци, во Србија изминатото деноноќие се заразиле 309 лица, а од ковид-19 починале 11 лица.