Американското разузнавање открило дека руското воено разузнавање им нудело пари на милитантите кои се поврзани со Талибанците да убиваат војници на САД и коалициските сили во Авганистан, пишува Њујорк тајмс. Весникот, повикувајќи се на брифинг од неименувани американски извори, пишува дека тајната едница на руското воено разузнавање ГРУ е поврзано и со обидите за напади во Европа лани и други активности за кои им се нудело награда за успешно завршената работа.
Руската амбасада во Вашингтон веднаш ги нарече пишувањата „неосновани и анонимни обвинувања“. Од таму наведуваат дека „тројцата новинари кои го пишувале текстот очигледно имаат недостиг од информации за соработката меѓу САД и Русија во авганистанскиот мировен процес и за агендите во Сирија, Северна Кореја, Венецуела и Иран“.
Весникот наведува дека претседателот на САД Доналд Трамп бил брифиран за ова во март, но дека неговата администрација се уште не одлучила како да одговори. Њујорк тајмс пишува дека милитантите поврзани со Талибанците или „вооружените криминални елементи кои тесно соработуваат со нив“ земале дел од парите. Но, во текстот се наведува дека не е јасно кое од 20-те убиства на американски војници лани во Авганистан може да се поврзе со тие исплати.