Јавните средни училишта во кои се пријавени поголем број ученици со ист број поени од предвидениот во Конкурсот за запишување ученици во средно образование за учебната 2020/2021, ќе организираат квалификациско тестирање на 22 јуни со почеток во 10 часот.
Учениците кои се пријавиле во гимназија, ќе бидат тестирани по математика и мајчин јазик (македонски, албански, турски, односно српски јазик, во зависност од тоа на кој јазик ја следеле наставата во основното образование), соопшти Министерството за образование и наука.
За учениците кои се пријавиле за здравствена струка (за сите образовни профили), пак, ќе се организира проверка на знаењето по наставните предмети биологија и хемија, исто така на јазикот на кој ја следеле наставата во основното училиште.
Конечните ранг-листи со резултатите ќе се објават на 22 јуни 2020 година, соопшти МОН.