Преку мерката МојДДВ која стартуваше во јули минатата година до март годинава на граѓаните им е извршен поврат на ДДВ од 10,7 милиони евра. Повратот на повеќе од половина од овие пари е извршен од јануари до март годинава, напиша министерката за финансии Нина Ангеловска на својот ФБ профил.
Таа додава дека од тримесечје во тримесечје повратот на ДДВ кон граѓаните е поголем, што значи дека борбата против неформалната економија зајакнува. Министерката вели дека бројот на граѓани кои скенираат сметки се зголемува, односно за третиот квартал од 2019 поврат добиле 155.664 граѓани, во четвртиот 188.135 граѓани и во првиот квартал годинава 232.716 граѓани.
Отсега граѓаните кои ќе купуваат и скенираат сметки за домашни производи наместо 15 отсто ќе добиваат 20 отсто поврат на ДДВ, додека за останатите повратот ќе изнесува 10 отсто. МојДДВ освен во борбата против неформалната економија ќе придонесе и кон ревитализирањето на домашната економија, напиша министерката на својот ФБ профил.