Рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ порача дека Русија ќе ја поддржи Србија кога станува збор за Косово и дека е јасно оти ниту една одлука не може да биде донесена без Советот за безбедност на Обединетите нации, соопшти претседатлството на Србија.
Како што се наведува во соопштението, Путин рекол дека за Косово „ќе разговара насамо со претседателот Вучиќ следната недела во Москва.“
Вучиќ ќе присуствува на Парадата на победата на 24 јуни во Москва, со која се одбележува 75-годишнината од победата над Фашизмот, а од Кабинетот на Вучиќ е соопштено дека тој му се заблагодарил на Путин „за активната поддршка на Русија на државните и националните интереси на Србиј, на принципите на меѓународното право и правдата.“
„Претседателот Путин потврди дека повторно ќе ја посети Србија за да присуствува на централната државна свеченост на осветувањето на храмот Свети Сава и истакна дека Русија ќе ги помага интересите на Србија, како и дека ќе ги брани интересите на Српската православна црква“, се вели во соопштението.