Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска го обвини министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, дека врши притисок врз синдикатот и формира паралелен синдикат во Министерството со цел да се замолчи Македонскиот полициски синдикат.
Претседателот на ССМ Дарко Димовски на прес-конференција побара министерот Чулев, како што рече, да ги тргне рацете од синдикатот и обелодени дека седниците на највисоките тела на Синдикатот – Советот и Претседателството, се одржуваат со присуство на инспектори од МВР.
„Тоа за нас е недопусливо бидејќи со тоа се крши Конвенцијата 87 за слобода на здружување и затоа сме приморени да ги информираме сите релевантни домашни и странски институции и ќе побараме помош за немешање на институциите од власта во организирањето и дејствувањето на ССМ“, рече Димовски.
Чулев одговори преку објава на Фејсбук.
„Политизирано и партиски координирано раководство на еден синдикат не може да ги штити правата на работниците, а денешната прес конференција одржана по партиски директиви уште еднаш го потврдува тоа. И таа говори за тоа на каква синдикална организација членуваат дел од вработените во Министерството за внатрешни работи и кој ги „штити“ нивните права“, реагираше Чулев.