Германскиот министер за европски прашања Михаел Рот изјави дека неговата земја се надева оти првата Меѓувладина конференција (МВК) со Македонија и Албанија ќе се одржи оваа есен, јави дописничката на МИА од Брисел. Меѓувладината конференција го означува де факто отпочнувањето на преговорите за членство со Унијата и отворањето на првото поглавје.
Рот, кој денеска учествуваше на конференција на Европскиот политички центар, се осврна и на макотрпниот процес во ЕУ до позитивна одлука за почеток на преговорите со овие две земји.
„Многу бев незадоволен што некои угледни земји членки на ЕУ ја потценуваат улогата на Западниот Балкан во мирот и стабилноста на Европа, наш заеднички интерес е да го стабилизираме Западниот Балкан“, рече германскиот министер за Европа, чија земја од 1 јули го презема претседавањето со ЕУ од Хрватска.
На прашање на МИА дали има изгледи Северна Македонија да ги започне преговорите за време на германското претседавање со ЕУ, Рот одговори потврдно.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји вчера најави дека преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија треба да бидат објавени „во наредните денови“.
Според вицепремиерот Бујар Османи, тоа ќе се случи идната недела на „9 или 10 јуни“.