Талибанските милитанти нападнале контролна точка на војската во источен Авганистан, а во нападот загинале најмалку 14 војници, јавуваат агенциите. Ова е последен од серијата напади кои следуваат по прекинот на огнот прогласен за време на муслиманскиот празник Рамазан Бајрам.
Министерството за одбрана денеска соопшти дека во ноќниот напад во провинцијата Пактиа загинале 14 луѓе, а локалните власти тврдат дека меѓу загинатите има и 20 талибански милитанти. Талибанците ја презедоа одговорнoста за нападот наведувајќи дека тој бил одбранбена акција.
Авганистанските власти ги обвинија Талибанците дека претходно извршиле два напади, во провинциите Фарах и Парван во кој загинале 14 авганистански војници, но Талибанците не ги коментираа тие напади.
Инцидентите се случуваат во време во кое пет члена на талибанската делегација се во Кабул на разговори за ослободување на милитантите од авганистанските државни затвори. Размената на затвореници е дел од американско-талибанскиот договор потпишан во февруари со кој се предвидува ослободување на 5000 талибански затвореници и милитанти во замена за ослободување на околу 1000 владини службеници како мерка за градење доверба во пресрет на мировните разговори.