Над 100 повратници од ИСИС се вратиле во Германија откако дел од изминатата година го поминале во борби како припадници на Исламската држава, покажуваат податоците на германското министерство за внатрешни работи кои ги објави германската новинска агенција ДПА. Безбедносните власти имаат сознанија дека над стотина од веќе вратените повратници учествувале во борби во Сирија или Ирак и дека имаат завршена воена обука, одговорил портпаролот на новинарското прашање на ДПА.
Според податоците од министерството за внатрешни работи се претпоставува дека во изминативе години над илјада екстремисти ја напуштиле Германија за да се борат во Сирија или Ирак и дека околу една третина од нив се вратиле назад во државата. Властите кон овие луѓе преземаат таканаречен „холистички пристап“ со кој овие лица ги следат и кривично се гонат, но се вложуваат и напори за да ги ресоцијализираат.