Владата на денешната седница ја смени одлуката за луѓето кои се враќаат од странство во државата и кои досега мораа да одат во државен карантин. Како што соопшти владината прес служба сега македонските државјани кои се враќаат од странство со хуманитарни летови или конвои при влезот во земјава треба да приложат ПЦР тест за коронавирусот КОВИД-19 направен во последните 72 часа и наместо во задолжителен државен карантин, се упатуваат во задолжителна домашна самоизолација.
„Наместо задолжителен државен карантин, задолжителна домашна изолација се определува и за странци за кои Главниот координативен кризен штаб одлучува во случаи на постоење на државен или економски интерес, и кои ќе приложат соодветна медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест, со задолжително придржување до протоколите од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство“, наведуваат од владината прес служба.
Претходно сите кои доаѓаа во земјава мораа да одат во 14 дневен државен карантин, а до скоро, по излегувањето од државен карантин мораа да бидат и во 14 дневна самоизолација, нешто што владата неодамна го укина.