Владата одлучила да ги помага младите и нивната куповна моќ, со 12 милиони евра, преку три мерки кои ги воведува за нив. Тие предвидуваат паричната помош да ја искористат околу 100 илјади лица, соопшти на денешната прес-конференција министерот за образование и наука, Арбер Адеми.
Тој појасни дека станува збор за три типа ваучери од 60.000 денари за студенти и средношколци од семејства со ниски примања, 30.000 денари за млади до 29 години со цел нивна дообука на ИТ и дигитални вештини, како и, 3.000 денари за студенти со цел купување на домашни производи.
Короната ќе отера во сиромаштија илјадници луѓе
„Првиот тип на ваучер, со максимален износ со 60.000 денари ќе се доделува на студенти и средношколци од семејства со ниски примања, а средствата ќе се користат исклучително за покривање на партиципација, за студирање на универзитетите и за сместување во ученички домови, студентски домови и регистрирани сместувачки капацитети. Вториот тип на поддршка е домашна платежна картичка со расположлив износ од 3.000 денари која ќе биде наменета за студентите и ќе се користи исклучиво за купување на домашни производи и услуги во одредени услужни дејности кои се најпогодени од кризата. Третиот тип на ваучер со максимален износ до 30.000 денари е наменет за млади до 29 години, за кофинансирање на обуки, тренинзи и курсеви за ИТ и дигитални вештини, кои и тоа како се потребни и барани години наназад, но и се услов за наоѓање на работен ангажман“, рече Адеми.
Начинот за аплицирање ќе се објаснува дополнително.