По вчерашната одлука од денеска да се олабават мерките за дел од секторите, Владата денеска ги објави протоколите како треба да работат обложувалниците, трговските центри, автошколите, како да се организираат работни состаноци, седници на управни одбори, тренинзи во поединечните спортови итн.
Според објавените протоколи во обложувалниците ќе биде задолжително носење на заштитна опрема, на шалтер да биде присутен по еден уплатувач, а тој што чека ред да биде на растојание од два метра. Шанковите за послужување пијалаци, пак, нема да работат.
Во спортските сали ќе може да се тренира ако има услови за физичко растојание од 5 метри помеѓу спортистите, односно за секој спортист да има простор од 20 метри квадратни, а во една сала ќе може да бидат најмногу 5 лица. Пред секој тренинг ќе мора да се мери температура и оние кај кои е покачена нема да може да третираат. Пропишано е да се води и строга евиденција на распоредот на тренинзи за да може да се следат контактите, а по завршувањето на тренинзите се забранува туширање во спортските објекти и користење на соблекувалните.
Стопанството дише „на шкрги“, секоја трета фирма бара помош
Возилата за автошколите, пак, ќе мора да се дезинфицираат после секој час по возење, а кога се полага возачки испит во возилото е дозволено да се возат максимум три лица. Работни состаноци, обуки, курсеви и семинари не смеат да траат подолго од шест часа и задолжителна е пауза на секои два часа. Максимум на еден од овие настани може да учествуваат 30 лица со задолжително растојание од 1,5-2 квадратни метри. Ограничувањата за бројот на учесници е ист и кога се во прашање седници на управни одбори и конференции.