Високиот претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедност Јозеп Борел изјави дека сегашната криза предизвикана од ширењето на вирусот корона јасно ја истакнала важноста на медиумите, затоа што како што рече, во неизвесни времиња пристапот до веродостојни и проверени информации од слободни и независни извори е поважен од вообичаеното.
По повод 3 Мај, светскиот ден на слободата на медиумите, Борел соопшти дека овој ден и оддава почит на клучната улога на новинарството во заштитата на слободата на изразување преку интернет и надвор од него во демократските општества како и зголемувањето на транспарентноста и одговорноста, соопштија од Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина.
Коронавирусот ја загрозува слободата на медиумите
Борел вели дека е загрижен што некои земји ја користат пандемијата на вирусот како изговор за воведување неоправдани ограничувања на слободата на медиумите. Но, и покрај новите ризици и предизвици поставени од пандемијата, Борел истакна дека новинарите и медиумските работници од целиот свет, понекогаш и во тешки околности ја продолжуваат својата важна работа.
Тој потенцира дека меѓудругото, ЕУ е фокусирана на борбата против дезинформации за пандемијата накоронавирусот, која вклучува промовирање на сигурни извори на информации, пониско рангирање на содржините кои се неточни и елиминирање на нелегална содржина.