Претседателот на Косово Хашим Тачи попладнево му го додели на потпретседателот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Авдулах Хоти мандатот да ја формира новата влада, со оглед дека на актуелната, предводена од Албин Курти, на 25 март ѝ беше изгласана недоверба од Собранието на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според претседателскиот декрет, Хоти има рок од 15 дена да го поднесе до Собранието предлогот за составот на новата Влада.
Тачи објави дека го доделил мандатот на кандидатот на ЛДК за премиер, откако таа партија соопшти дека го обезбедила потребното парламентарно мнозинство за изгласување на новата влада.
Мандатарот Хоти тврди дека ќе ја формира владата заедно со Алијансата за иднината на Косово (ААК) на Рамуш Харадинај и Социјалдемократската иницијатива (Нисма) на Фатмир Лимај, со кои вчера и денеска ЛДК потпиша договори за коалиција, како и со Српската листа (СЛ) и со партиите на другите немнозински етнички заедници.
Партијата на вршителот на должноста премиер Албин Курти, Движењето самоопределување (ВВ), се противи на формирањето нова влада и тврди дека единствено уставно решение во ваква ситуација се вонредни парламентарни избори, кои би се одржале веднаш по надминувањето на кризата предизвикана од епидемијата на новиот коронавирус.
ВВ најави дека дејствијата на Тачи во правец на формирање на нова влада и нејзиното евентуално изгласување од страна на Собранието ќе ги оспори пред Уставниот суд на Косово.