Вработен во Клиниката за детски болести е позитивен на коронавирус, соопшти на денешната прес конференција министерот за здравство Венко Филипче.
„Се работи за вработен во лабораторијата и истиот според моите информации не бил во контакт со пациенти“, изјави министерот.
Тој додаде дека засега нема потреба од реорганизација на персоналот во Клиниката, бидејќи има доволно вработени,и дека во изолација се четворица од вработените кои биле во непосредна близина на заразениот лаборант.
Филипче додаде дека по добиените податоци за тоа дека неколку дена по ред нема нови случаи на заразени од коронавирусот во општините Дебар и Центар Жупа во тек е скрининг на теренот преку матичните лекари. Исто така министерот информираше дека од досега добиените резултати од тестовите извршени на сите во истражниот затвор во Шутка, нема ниту еден позитивен тест.
Филипче соопшти дека денеска завршила постапката за набавка на респиратори и дека во следните денови треба да стигнат сите 31 машина.
Димитриевски: Во Куманово е потребен 14-дневен карантин
Инаку во изминатите 24 часа се потврдени 54 нови случаи на коронавирусот, од кои 10 се од Прилеп, каде досега се дијагностицирани 85 заразени. Вкупната бројка на заболени лица е 908. Досега се заболени вкупни 122 здравствени работници, а од нив седумина се оздравени и вратени на работните места. Досега се оздравени 42 лица.