Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) остро ја осуди реакцијата на лидерот на ГРОМ, Стефчо Јакимовски, и најави дека ќе поднесе барање до секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР за спроведување на соодветна истрага за „навредите на Јакимовски кон новинарот Горазд Чомовски“.
„Каква дрскост од оној Алија Малишановиќ – Горазд Чомоски. Кај нас во село велат видел на таквото урда па веднаш ќе прави бачило. Со направени неколку интервјуа си помисли кој знае кој е. Зошто е тоа така? Па затоа што е во друштво на арогантната власт што би рекле со Крокодилите. За жал со своето фациче наликува на жаба која се наоѓа меѓу очите на крокодилот и се поистоветува со него. Кога тој ќе ја отвори устата и кутрата жаба ја отвора мислејќи дека и таа ќе голтне голем плен, мислејќи дека и таа е крокодил. Во право се кога велат дека образованието ни ја уништува амо образовната, но не и воспитната компонента. Универзитетот дава образование, но не и култура и воспитување. Воспитувањето го даваат родителите. Онакво арогантно однесување со одбивање да се извини на повозрасен Господин од него, универзитетски професор и лидер на опозицијата и тоа во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ е незапамтено. Му честитам на Христијан на смиреноста, инаку малиот заслужи да го фати за прчестите ушиња малку да го поподигне и така на прсти да го исфрли во ходникот како што некогаш правеа учителите“, напиша Јакимовски на Фејсбук, по интервјуто на Чомовски со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Според соопштението на ЗНМ, „со повици за насилство, како овој на Јакимовски, може да се мотивира дел од партиското членство да посегне по безбедноста на новинарите“.