Народната банка утворо соопшти дека девизниот курс на денарот е стабилен, дека нема промени во неговото ниво и дека тие гарантираат дека ќе остане стабилен. Реакцијата следува по објавите во дел од медиумите во земјава во шои што се коментира стабилноста на денарот во оваа вонредна ситуација со коронавирусот.
„Во некои медиуми и на социјалните мрежи има објави во коишто се коментираат девизни курсеви на онлајн-платформи, би сакале да укажеме дека овие онлајн-платформи не се релевантен извор за следење на вредноста на денарот. Објавите на овие онлајн-платформи не произлегуваат од реално тргување со валути. Единствен релевантен извор на информации според којшто населението и фирмите може да го следат девизниот курс на домашната валута е курсната листа што ние како централна банка ја објавуваме на нашата веб-страница – www.nbrm.mk. Таа ги отсликува цените на валутите од реалните тргувања на домашниот девизен пазар. На курсната листа којашто е во важност и во моментов, средниот курс на еврото во денари изнесува 61,69 денари. Ние гарантираме дека денарот е и ќе остане стабилен“, соопшти Народната банка.
Оттаму апелираат на совесно и одговорно информирање и проверка на вистинитоста на изворите на информации, бидејќи, како што велат од Банката, секое произволно толкување на информациите во врска со домашната валута може да креира негативни ефекти за нашата економија.
„Апелираме онлајн-платформите да не се користат како релевантен извор на информации и нивното прикажување на виртуелни пресметковни курсеви да не се смета за релевантен податок. Овие платформи не ја прикажуваат вредноста по која странските валути се купуваат на домашниот пазар, односно кај банките и менувачниците“, нагласуваат од Народната банка.
Тие убедуваат дека располагаат со низа инструменти со кои што гарантираат дека девизниот курс на денарот во однос на еврото ќе остане стабилен и дека девизните резерви кои што се клучни за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута се на високо ниво - двојно повисоко од пред глобалната економска криза во 2008 година.