Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска почна главната расправа за организација на насилствата на 27 април 2017 година во Собранието. Во него обвинети се поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за труд и социјална политика Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и екс директорот на УБК Владимир Атанасовски. Тие се товарат за кривично дело- терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Ристовски и Вељаноски денеска рекоа дека не се чувствуваат виновни и дека се цел на политички прогон. Јанакиески рече дека невиноста ќе ја докажел низ постапката, а Атанасовски кратко кажа дека не се чувствува виновен.
Обвинителката Вилма Русковска, која го води случајот, пак, рече дека ќе докаже оти обвинетите изготвиле план за да го загрозат уставниот поредок и безбедноста и да спречат мирно предавање на власта. Според неа, тие биле коцките од мозаикот, а нивните услогласени дејствија придонеле тој да функционира.
Судењето продолжува на 9 март со сослушување на сведоци, а прв е повикан актуелниот технички премиер Оливер Спасовски. Инаку минатата недела судењето на обвинетите за организација на насилствата на 27 се одложи за да и се овозможи на одбраната да изврши увид во доказите кои не им биле доставени од претходниот судски процес за случувањата на 27 април. Во тој процес, кој заврши на 15 март минатата година, за насилствата во Собранието на вкупна затворска казна од 211 години беа осудени 16 лица. Инаку денеска требаше да биде првото рочиште за овој случај.