Од резултатите од реформите и од нивното спроведување се очекува позитивна и скорешна одлука на ЕУ за почеток на преговорите како логичен чекор и заради исполнувањето на сите критериуми и стандарди за членството во НАТО. Ова го истакнал специјалниот претставник на американскиот државен секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер денеска на средбата со премиерот Оливер Спасовски, на маргините на Самитот за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој во Лондон.
Како што соопштија од владината прес служба, Палмер на средбата ја повторил определбата на неговата земја за поддршката на реформите и нивното спроведување во Северна Македонија.
„Палмер истакна дека од резултатите од реформите и од нивното спроведување се очекува позитивна и скорешна одлука на ЕУ за почеток на преговорите како логичен чекор и заради исполнувањето на сите критериуми и стандарди за членството во НАТО“, се вели во соопштението од Владата.
Оттаму додаваат дека на средбата уште еднаш било потврдено пријателството и стратешкото партнерство меѓу САД и Северна Македонија, а како посебно било издвоено лидерството на земјата во регионалната соработка.
Во таа насока, премиерот Спасовски истакнал дека Северна Македонија останува посветена на исполнување на обврските од договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и на договорот од Преспа со Грција.