Бугарскиот премиер Бојко Борисов пред новинарите во Брисел го демантираше написот во шпанскиот весник „Ел Периодико“ дека се води истрага против него за перење пари и купување куќа во Барселона.
„Ниту поседувам куќа, ниту имам недвижен имот, ниту сум бил во Барселона. Последен пат отидов како градоначалник пред 15 години“, нагласи бугарскиот премиер.
Тој рече дека не се негови парите и дека нема никаква врска со компаниите кои се споменуваат во текстот.
„Станува збор за луѓе кои не сум ги видел дури 15-20 години. Ниту пак некоја служба, обвинителство, полиција, ме побарале за да ме прашаат дали е тоа вистина“, додаде Борисов.
Денеска шпанскиот весник „Ел Периодико“ објави дека каталонската полиција и обвинителството за борба против корупцијата во Шпанија вршат истрага дали Борисов е поврзан со евентуално перење пари во таа земја.