Скоро 170.000 луѓе ги напуштија своите домови во северозападна Сирија поради воздушните напади и тие главно живат под отворено небо или во недовршени згради, соопшти денеска службата за хуманитарни прашања на ОН (ОЦХА).
Околу 900.000 луѓе, меѓу кои и тие 170.000, од почетокот на декември ја напуштија провинцијата Идлиб поради воздушните напади на сириските сили и нејзините руски сојузници.
„Скоро 170.000 неодамна раселени живеат под ведро небо или во недовршени згради“, наведе службата на ОН, додавајќи дека зимските услови дополнително ги загрозува раселените меѓу кои се и такви кои неколку пати ги напуштиле своите домови за време на конфликтот.
ОЦХА наведе дека во прифатните кампови се сместени дел од раселените, додека многу семејства добиле шатори, но немаат пристап до основни работи, како што е тоалет.
Идлиб претежно е под контрола на милитантните групи Хајат Тахрир ал-Шам и други бунтовници. Властите, кои контролираат околу 70 отсто од сириската територија, неколку пати соопштија дека се решени да ја вратат контролата врз Идлиб.
Силите на сирискиот претседател Башар ал-Асад со поддршка на руското воено воздухопловство, од 16 декември го засилија бомбардирањето на оваа област, додека на копно се водат борби со џихадистите и бунтовниците, и покрај најавеното примирје.