Нашите пријатели во Брисел ги делат со нас очекувањата за официјализирање на членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ, порача премиерот Оливер Спасовски по завршувањето на дводневната посета на Брисел каде учествуваше на донаторската конференција „Заедно за Албанија“. Тој оствари средби со претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, со претседателката на Европската комисија Урсула Фон Дер Лајен, со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, како и со други дипломати од Европа и САД.
„Сакам да го изразам моето задоволство што имавме можност да оствариме средба со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг. Разговаравме за следните чекори, за официјализирањето на членството на Република Северна Македонија во НАТО, како еден од најзначајните чекори за стабилноста на граѓаните од нашата земја, како и за целиот регион“, изјави Спасовски во Брисел.
Тој изрази очекување што е можно поскоро Европскиот совет да донесе одлука за отпочнување преговори за членство во ЕУ.