Градоначалникот на Лондон Садик Кан денеска во Брисел се заложи Британците да го задржат државјанството на ЕУ, како и другите права што доаѓаат со тоа, и покрај Брегзит.
„Многу Лондончани се тажни откако ја напуштивме ЕУ. Но, и понатаму имаме чувство на припадност на европското семејство, ние сме Европејци“, рече Кан, кој денеска во Брисел се сретна со неколку европски претставници, меѓу кои и со преговарачот за Брегзит, Мишел Барние.
Британското знаме симнато од европските институции
Кан рече дека во новата фаза од преговорите меѓу Лондон и Брисел треба да биде и прашањето на „здружено државјанство“. Тоа на Британците би им овозможило да ги задржат правата кои досега ги имаа како државјани на ЕУ, а меѓу нив е и слободата на движење и работа во другите земји од Унијата.
Велика Британија од 1 февруари е во преоден период во кој продолжува да ги применува европските правила. Во тој период, кој завршува на 31 декември, двете страни треба да постигнат договор за идните односи.