САД воведоа санкции против трговското одделение на руската државна нафтена компанија Роснефт поради помагање на Венецуела да го заобиколи ембаргото на извоз на нафта.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп им воведе санкции на компанијата Роснефт трејдинг и на нејзиниот претседател Дидие Касамир, што е дел од дипломатско-економскиот притисок на Вашингтон врз социјалистичкиот претседател Николас Мадуро да се повлече од власт.
Венецуела минатата година успеа да извезе стотина илјади барели нафта со помош на Роснефт трејдинг, и покрај американските санкции.
Високи претставници на администрацијата на Трамп денеска предупредија дека ако кој било во светот работи со Роснефт трејдинг може да се најде на удар на американските санкции. Тие очекуваат дека новата мерка ќе ја исклучи компанијата Роснефт трејдинг од глобалниот финансиски сектор.
САД и повеќе од 50 држави тврдат дека реизборот на Мадуро за претседател во 2018 година не бил легитимен и за претседател на државата го признаваат опозицискиот лидер Хуан Гваидо.