Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска во Ватикан се сретна со папата Франциск. Украинскиот претседател и поглаварот на Католичката црква разговараа за состојбата на Украинците притворени во анектираниот Крим, во области од источна Украина кои се под контрола на сепаратистите поддржани од Русија, како и во Русија, соопшти прес-службата на украинскиот претседател во објава на Твитер.
Русија го анектираше Крим во Украина во март 2014 година, а еден месец подоцна, Москва започна да ги поддржува сепаратистите во источна Украина во конфликтот во кој загинаа повеќе од 13.000 луѓе.
Папата во неколку наврати изрази надеж за прекин на конфликтот во источна Украина. Тој пред средбата на Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин на 9 декември во Париз, изрази надеж дека страните ќе бараат решенија за болниот конфликт.
А порака за мир во источна Украина упати и во својата божиќна порака на 25 декември. Зеленски во Италија пристигна на 7 февруари. Тој имаше средба со италијанскиот премиер Џузепе Конте.