Лидерите од Западен Балкан неформално ќе имаат состанок со лидерите на Европската унија, Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел, на работна вечера закажана за 16 февруари.
Како што јави МИА, организацијата на состанокот е на иницијатива на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел додека ќе им се придружи и претседателот на Европската комисија, Фон дер Лајен. Покрај шесте лидери од Западен Балкан, на состанокот се поканети и претседателот на Европската комисија, шефот на дипломатијата на ЕУ и премиерот на Хрватска, како земја што претседава со Советот на ЕУ.
На состанокот ќе се разговара за ситуацијата во регионот, интеграцијата во ЕУ и подготовките за претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан во Загреб. Свикувањето на состанокот следи неколку дена откако Европската комисија го објави предлогот за новата методологија за проширување на ЕУ. ЕК предлага нова и построга методологија на преговори за пристапување во ЕУ што беше услов на Франција за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија.