Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на распит се повикани четворица полициски службеници за да дадат исказ за постапка, која е во тек, велат за РСЕ од обвинителството. На полициските службеници, како што наведуваат од обвинителството, им се одземени мобилните телефони, а за повеќе детали за што станува збор ќе информираат во текот на утрешниот ден.
Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев по пишувањата во некои медиуми демантираше дека се работи за наводни апсења на лица кои се дел од неговиот тим.
„Имено, станува збор за преземање службени дејства по наредба на судија за претходна постапка за лица кои се вработени во Министерството за внатрешни работи и истите се распоредени на соодветни работни места со решенија од претходните министри и никако не се поврзани со мојот тим или пак мојот кабинет. Лицата немаат добиено било какви решенија од моја страна“, напиша Чулев на Фејсбук.
Според него, изнесените наводи во медиумите се лага и конструкција смислена од претходното раководство на МВР и се пласираат лажни вести за да се нанесе штета на неговото работење и на неговите соработници.