Бугарија постојано ги поддржува напорите на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон членството во ЕУ, рече бугарскиот премиер Бојко Борисов во својот говор на панелот „Дијалог за дипломатијата на Западен Балкан“, во рамките на Светскиот економски форум во Давос.
Бугарскиот премиер рече дека исклучително е важно задржувањето на политиката на проширување на ЕУ како катализатор за реализирање на клучните реформи во земјите од регионот. Според него регионалната соработка е добра, но не е алтернатива на европската интеграција на Западен Балкан.
Борисов рече дека приоритет на Бугарија и Северна Македонија, кои од 1 јануари 2020 година се домаќини на Берлинскиот процес, е поврзаноста во сите нејзини аспекти: транспортот, енергијата, дигитализацијата, како и поврзаноста меѓу луѓето, особено меѓу младите, вклучувајќи и преку образованието.