Талибанците се надеваат на договор со американските преговарачи кој треба да придонесе за крај на војната во Авганистан до крај на овој месец, изјави портпаролот на талибанците Сухаил Шахин за пакистанскиот весник Зора. Тој вели дека милитантната група се надева дека ќе постигне договор со преговарачите на САД до крајот на јануари.
Денешните коментари на Сухаил Шахин доаѓаат откако преговарачите од страната на талибанците и на САД два дена разговараа во Катар.
Шахин во објавата на Твитер на 17 јануари рече дека состаноците кое се одржаа на 16 и на 17 јануари биле „корисни“. Тој рече дека разговорите биле фокусирани на потпишувањето на договорот и на церемонијата по тој повод, но не даде други детали.
Американскиот тим, предводен од Залмај Калилзад, не зборува јавно за преговорите. Но, Ројтерс цитираше два извори кои велат дека талибанците се подготвени да се согласат на десетдневно примирје со американските сили, како и за намалување на насилството со авганистанските сили и разговори со авганистанските власти ако се постигне договор.
Шахен денеска рече дека талибанските милитанти се подготвени да ги намалат нападите пред очекуваното потпишување на договорот со американските преговарачи.
Аналитичарите велат дека ако се постигне договор, тоа може да ги оживее надежите за долгорочно решение на конфликтот во Авганистан.