Претседателот на СДСМ Зоран Заев изјави дека е подготвен да разговара со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за да се изнајде решение за Законот за јавното обвинителство. Тој денеска повика на одговорност од политичките субјекти и изрази уверување дека во следните три недели може да се донесе законот.
„Тоа може да го направиме сега додека работи Парламентот за да им дадеме аргумент плус на еврокомесарот и на земјите членки на ЕУ и да може да осигураме одлуката на Европскиот совет конечно да биде позитивна, иако тоа не е услов, не е дел од извештајот за нашата земја, но ќе биде аргумент повеќе“, изјави Заев по денешниот хуманитарен базар во организација на СДСМ.
Тој нагласи дека овој закон е еден од последните структурни закони во делот на реформите во правосудството и додаде дека е подготвен да разговара со сите политички субјекти.
„За сето она што може да дојде како сугестија од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и од албанските политички партии, со која ќе се подобри законското решение, но ќе биде во рамки на црвените линии на Европската унија, можеме да најдеме решение“, рече Заев.
Законот за кој е потребно двотретинско мнозинство е заглавен во собраниските лавиринти. Неделава при посетата на Скопје, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји изрази надеж дека овој парламентарен состав ќе го донесе законот. Собранието треба да се распушти на 11 февруари, за да се одржат предвидените избори на 12 април.
Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ вчера рече дека постојат одредени шанси, ако тоа се постави како приоритет, да се постигне согласност за законот за јавното обвинителство. Тие се противат на предлогот тимот на СЈО да биде „удомен“ во тимот на обвинителката за организиран криминал Вилма Рускоска.