Канада соопшти дека нивни истражители ќе го посетат местото каде што беше урнат украинскиот авион во близина на главниот град на Иран, Техеран. Во трагедијата што се случи месецов загинаа сите 176 патници во авионот, а 57 од нив беа канадски државјани.
Министерот за транспорт на Канада Марк Гарно вчера рече дека на нивните истражители се уште не им е дозволен пристап до снимачите од кабината на украинскиот авион кој на 8 јануари беше урнат од иранска ракета веднаш по полетување од Техеран кон Киев. Иран на тимот канадски истражители им издал виза.
Повеќето од жртвите во трагедијата беа Иранци и Канаѓани, а помал дел Украинци, Авганистанци, Британци, Швеѓани и Германци. Гарно рече дека тој и министрите за надворешни работи од Украина, Шведска, Авганистан и Британија ќе се сретнат денеска за да направат притисок за целосна соработка со иранските власти.