Државниот секретар на Соединетите Американски Држави Мајк Помпео во повеќе гостувања на американски телевизии вчера ја бранеше одлуката на претседателот Доналд Трамп за нападот во кој загина иранскиот генерал Касем Солејмани. Тој рече дека Техеран ги користи силите под негово влијание во Ирак, Сирија, Јемен, Либан и насекаде да напаѓа американски целии дека САД може да ги нападнат иранските лидери.
Во одбраната на потегот Помпео наведе и дека непреземањето на акцијата против генералот Солејмани би била поголем ризик. Американските напади, наведе Помпео, се законски и секоја можна цел на американската војска во Иран ќе биде легална и согласно законите за вооружени конфликти со кои е забрането намерно напаѓање на културни знаменитости. Според американскиот државен секретар Иран ја примил јасната порака од американското раководство.
Минатата недела во американскиот воздушен напад во близина на меѓународниот аеродром во ирачкиот главен град Багдад загина иранскиот командант Солејмани, што ги зголеми стравувањата од ескалации на тензиите во регионот.