Дескоска - Чесните судии и обвинители не треба да се плашат од ветингот
Таа вели дека не само во рамки на Владата, туку и генерално во државата созрева сознанието дека мора да се направат чекори за побрзо прочистување на судството од неквалитетни и непрофесионални судии, а секако тоа се однесува и за обвинителството.
„Останувам на ставот дека е многу побитно да имате чесни и професионални судии и обвинители, отколку да ги има, а да не си ја вршат работата како што треба. Тие носат поголема штета, отколку што би било забележано како штета нивното отсуство во судството“, рече Дескоска.
Таа додаде дека поддржува сè што може да значи расчистување на политичката сцена, на државната сцена од луѓе кои се корумпирани, кои се непрофесионални, кои имаат врска со мафијашки и други кругови за да се донесе поголем квалитет.
Министерката за правда не сакаше да ја коментира смс пораката на обвинителката Вилма Рускоска дека ќе поведе финансиска истрага против судиите од Апелацискиот суд, кои донесоа одлука за поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.