Просветните работници го ставаат во мирување најавениот штрајк за 11 ноември. Штрајкот е ставен во мирување до конечната понуда од Министерството за образование и наука, изјави денеска претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков.
Неделков напомена дека штрајкот е ставен во мирување врз основа на анализите дека за зголемување на платите на Министерството за образование и наука му се потребни уште неколку дена.
Тој посочи дека сега се разгледува опцијата наместо од април, да се обезбедат средства за зголемувањето на платите од јануари, како што бара СОНК.
Адеми за утре ги покани претставниците на СОНК на средба во Министерството на последна рунда на преговори каде ќе се знае конечниот став.
Премиерот Зоран Заев запрашан дали ќе им бидат зголемени платите на просветните работници, рече дека таа одлука утре ќе ја соопшти министерот за образование и наука Арбер Адеми.
„Министерот за образование и наука преговара со министерката за финансии. Тука се на припомош и другите ресори коишто прават свои отстапки, затоа што буџетот е толку. Сите солидарно гледаме да ги задоволиме приоритетите. Секако одлуката треба да биде соопштена утре“, посочи Заев.