Поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева, по три часа го напушти Обвинителството за организиран криминал и корупција каде вршеше увид на доказите за случајот Рекет. Во обвинителството останаа нејзините адвокати кои за медиумите изјавија дека денеска не успеале да ги видат сите докази.
„Почнавме со увидот во предметот. Денес не успеавме да ги видиме сите докази. Јанева мораше заради затворскиот куќен ред да биде вратена, а ние продолживме со увидот, рече адвокатот Дељо Кадиев“, еден од адвокатите на Катица Јанева.
Адвокатката Ирена Фрчкоска пак изјави дека и ним не им бил даден исказот на Зоран Милески.
„Не ни беа дадени ниту исказите на осомничените, иако мора да ни бидат дадени. Само исказите на сведоците, меѓу нив и тие на обвинителите на СЈО ни беа дадени“, изјави Фрчкоска.
По втор пат неделава Јанева доаѓа во Обвинителството. Се уште не се знае дали се изјаснила во врска со обвинителниот акт или тоа ќе биде оставено за идната недела. Вчера во Обвинителството по вторпат дојде и осомничениот Бојан Јовановски, кој бараше увид во доказите пред да го даде исказот пред обвинителката Вилма Русковска.
Засега, Јанева и Боки 13 сè уште се во притвор во Шутка. Во домашен притвор е второ осомничениот Зоран Милевски – Кичеец.
Во изминатиот период во врска со овој случај во Обвинителството беа повикани бизнисменот Силјан Мицевски, водителката Лила Филиповска и пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски, претседателката на Собранието на Меѓународниот сојуз, Агапи Дика, и бизнисменот Зоран Азманов.