Актуелни и поранешни лидери на земјите од Западен Балкан едногласни дека Северна Македонија го заслужува почетокот на преговори со ЕУ и дека секоја друга одлука ќе биде многу негативна за регионот, соопшти владината прес-служба.
„На прашањето за иднината на Балканот, имам позитивен одговор: Балканот се движи во добра насока, а тоа е насоката што води кон ЕУ и НАТО. Балканот е составен дел на Европа и го менува имиџот на буре барут, на место каде се генерираат политички кризи, рече, меѓу другото, премиерот Зоран Заев на дебатата на тема „Иднината на евроатлантските интеграции: Каде оди Западен Балкан“ во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“ во Њујорк, како дел од настаните на маргините на годинашното 74-то Генерално собрание на Обединетите нации.
Како аргументи за неговиот став за напредокот на Западен Балкан во евроатлантските интеграциски процеси премиерот Заев ги издвои добрите соседски односи и регионалната соработка како заеднички приоритет и стратешка цел на сите земји од регионот, како неопходност за да се остварат амбициите на сите одделно за интеграција во ЕУ и НАТО.
Како што соопшти прес-службата на Владата, премиерот Заев нагласил дека Северна Македонија нема отворени проблеми со соседите и дека тоа ја прави земјата единствена во регионот од таа перспектива.