Северна Македонија и Албанија се клучни земји за одржување на чувствителната рамнотежа на Балканот и иако веќе се членки на НАТО, тие треба да бидат вклучени и во Европската унија, за поцврсто да се сврзат за Западот, оценува електронското издание на атинскиот весник „Катимерини“.
Весникот наведува дека во однос на критериуми што треба да ги исполнат за прием во ЕУ, во моментов ниту Северна Македонија, ниту Албанија не се подготвени за зачленување во Унијата, иако е постигнат голем напредок, главно како резултат на притисок од Брисел. Сепак, додадава весникот, во интерес на безбедноста, тие реформи можат да се спроведат на патот до Унијата.
„На еврократите им се добро познаат постојаните недостатоци, но повеќе се заинтересирани за создавање безбедносна мрежа за одржување на стабилноста и заштита на т.н. „мек стомак“ на Балканот. Северна Македонија, меѓу другото, треба да биде заштитена и од понатамошни мешања од Русија и не смее да се дозволи реформите што Брисел ги бара од двете земји да станат несовладлива пречка за нивно приближување кон ЕУ. На крајот на краиштата, Брисел ќе биде во многу подобра позиција да инсистира на овие реформи во двете држави во текот на нивниот пат кон членство во ЕУ, кој веројатно ќе биде долг и со многу предизвици, отколку ако реши да им ја затвори вратата пред нос“, анализира „Катимерини“.