Советот за реформи во правосудството: Избор на шеф на обвинителство предложен од партија отвора врата за политизација
Како што се наведува во соопштението од Советот, министерката за правда, Рената Дескоска, информирала за текот на разговорите, за решенијата за статусот на обвинителството надлежно за гонење висока корупција, за прашањата поврзани со специјалното јавно обвинителство, за критериуми за избор на обвинители и за други прашања отворени за време на разговорите.
„Постапка во која политички партии, односно опозицијата би предлагала јавен обвинител, може да обесхрабри квалитетни обвинители да се јават на конкурсот за шеф на обвинителството. Поради тоа, Советот препорачува да не се прави исклучок за кое било јавно обвинителство и да се задржи уставниот принцип Советот на јавни обвинители да ги избира шефовите на јавните обвинителства“, се вели во соопштението на Советот.