Пендаровски потпиша нови укази за разрешувања, поставувања и отповикувања во Армијата
Извори од кабинетот на Претседателот објаснуваат дека од шесте укази за разрешувања и нови поставувања, само за еден институцијата претседател нема правна основа дадејствува. Указот се однесува на генерал мајор Васко Ѓурчиновски кој бил унапреден во чин генерал потполковник. Во Законот за одбрана нема законски основ за одземање на чин, освен доколку носителот на чинот е лично одговорен за определени противзаконски дејствија, како што се кривично дело или тешка дисциплинска повреда.
Од останатите пет укази, тројца ги задржуваат формациските чинови, а за новата позиција на другите двајца треба да одлучи Армијата на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана.
Бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски кој беше поставен за воен претставник на Република Македонија при НАТО во Брисел, со новиот указ се отповикува од функцијата и ќе биде ангажиран во Армијата.
Полковникот Драган Ковачки кој беше поставен за командант на Механизирана пешадиска бригада во Здружената оперативна команда во Генералштабот на Армијата, се разрешува од оваа позиција и за него се очекува министерството за одбрана да му определи ново формациско место во Армијата.
Бригадниот генерал Орце Јордев, и полковникот Маријо Јуришиќ ги задржуваат позициите на кои биле унапредени, а полковникот Бесник Емини се разрешува од позицијата началник на Штаб на Здружената оперативна Команда во Генералштабот и се поставува за командант на Механизирана пешадиска бригада во Здружената оперативна Команда во Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.
Лицата на кои се однесуваат указите немаат право на жалба, објаснуваат правните експерти.