Заев: Мицкоски ако има докази за „Рекет“ да ги пријави во Обвинителството
Пораката до опозицискиот лидер, Заев ја испрати откако Мицкоски, денеска на прес-конференција, рече дека двајца високи функционери на СДСМ биле секојдневни гости во домот на првоосомничениот Бојан Јовановски заедно со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, каде договарале обвиненија и натамошни постапувања.
„Ако има какви било докази за кои и да сака во државава должност му е да ги пријави, а не да шпекулира со некакви имиња за високи претставници од власта и слично. Должност на секој граѓанин посебно на лидери на политички партии е тоа да го пријават со сите докази и аргументи. Со јавните личности се среќавале сите. Вие можете да видите слика со Боки 13, со мене и со многу други општественици, пејачи , многу други луѓе од опозицијата и слично, но тоа не значи дека некој од нив е инкриминиран или дефинитивно е влезен во некаква структура на криминал“, изјави Заев во интервју за МИА.
За изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека во Македонија по втор пат се случува „октопод“, Заев одговори дека „Мицкоски дефинитивно е влезен во целиот негов октопод на криминалното дејствие на ВМРО-ДПМНЕ, кое што сака да го заштити и затоа избегнува секаков вид на комуникација, решение, сака да се блокираат процесите и самата оваа истрага“.