Власта најави забрана за користење стари возила во одредени региони за време на високо аерозагадување. Aктивистите сметаат дека треба да им се помогне на граѓаните да купат ново возило, според еколошките стандарди и во согласност со нивната куповна моќ.
Претседателот на американскиот Врховен суд Џон Робертс го критикуваше претседателот Доналд Трамп кој за еден судија кој бил против неговата мигрантска политика го нарекол „Обамин судија“. Тоа е за прв пат претседателот на Врховниот суд да го критикува Трамп иако американскиот претседател често пати ги напаѓа судиите на овој суд. Робертс изјави дека Соединетите држави немаат „Обамини или Трампови судии, Бушови или Клинтонови судии“, наведувајќи дека сите треба да бидат благодарни што САД имаат независно судство.
Американец бил убиен на островот Северен Сентинел на Индискиот океан кој е дом на изолирано племе што е непријателско расположено спрема странците. Човекот идентификуван како Џон Ален Чау илегално пристигнал на островот кој е надвор од досегот на туристите. Полицијата соопшти дека уапсила седуммина рибари кои му помогнале на 27 годишниот американец да стигне на островот. Племето Сентинел одбива секакви контакти со цивилизацијата и често пати ги напаѓа оние што ќе му се приближат на островот.
Косовската влада соопшти дека воведува давачки од 100 насто на сите стоки увезени од Србија и Босна и Херцеговина. Со тоа дополнително се зголемија тензиите меѓу Белград и Приштина откако Косово не успеа да стане членка на Интерпол.
Шпанскиот премиер Педро Санчез повторно се закани со блокада на спогодбата за Брегзитот ако до недела, кога е закажан самитот на ЕУ за ова прашање, не се признае директната улога на Шпанија во преговорите за иднината на Гибралтар. Според него, положбата на оваа британска енклава од седум квадратни километри на југот на Шпанија треба да се дефинира, меѓу Британија и Шпанија, а тоа не било гарантирано во спогодбата за британското излегување од Европската унија.
Во Македонија денеска се одбележува 22 ноември, Денот на албанската азбука. На централната прослава вечер ќе се обрати претседателот на Собранието Талат Џафери. Претходно е планирана заедничка прошетка низ Старата скопска чаршија на претседателот на Република Албанија Илир Мета и претседателот на ДУИ Али Ахмети во придружба на претседателот на Собранието Талат Џафери и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи.
Денеска во Солун ќе се одржи состанок на министрите за надворешни работи на Македонија, Грција, Албанија и Бугарија. На оваа четврта нивна средба на која ќе учествува шефот на дипломатијата Никола Димитров ќе се разговара за зајакнување на соработката во регионот.
Во Македонија претпладне ќе биде облачно со врнежи од дожд кои локално ќе бидат поројни, а во југоисточните делови, проследени со ретки грмежи. Во текот на денов врнежите ќе престануваат, а облачноста делумно ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Утринската темпеаратура ќе се движи од три до 10, а дневната од шест до 15 степени. Во Скопје и околината слично време со температура до 12 степени.