Претседателот Стево Пендаровски денеска ги потпиша указите за прогласување на законите за судовите, за управни спорови, за прекршоци и за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа. Станува збор за системски закони чии укази не беа потпишувани од страна на претходниот претседател Ѓорге Иванов.
Од Претседателскиот кабинет денеска соопштија дека Пендаровски го потпиша и указот за прогласување на Законот за енергетика. Во соопштението се наведува дека со потпишувањето на указите се исполнува едно од клучните барања на Европската унија за одредување датум за почеток на пристапните преговори на земјата.
„Со одредбите на Законот за судовите ќе има јасни и прецизни постапки за именување и унапредување на судии, како и за разрешување на судии и нивна дисциплинска одговорност. Со новиот Закон за управните спорови граѓаните добиваат ефикасна правна заштита на своите права во правните спорови. Се зголемува транспарентноста и јавноста на постапките преку задолжителна јавна расправа“, се вели во соопштението.