Авганистанскиот претседател Ашраф Гани денеска го отвори Лоја Џирга или Големото собрание на кое присуствуваат над 3.200 делегати кои се обидуваат да се договорат за заеднички пристап кон мировните разговори со талибанците.
На Големото собрание присуствуваат политичари, племенските старешини и други истакнати личности, но отсуствуваат неколку високи функционери, меѓу кои и главниот извршен директор Абдула Абдула, партнер на Гани во владата за единство.
Специјалниот пратеник на претседателот Гани, Омар Дауџаи, рече дека меѓу делегатите се и авганистанските бегалци од Иран и Пакистан.
Собирот се одржува под засилени мерки на безбедност во Кабул. Гани на собирот изјави дека сака да се постигне "унифициран став" за мир. Тој рече дека делегатите на Лоја Џирга ќе ја одредат "насоката" на мировниот процес.