Косовската влада денеска донесе одлука со која со воведува такса од сто отсто на увозот на стоки од странски компании кои имаат свои производни погони во Србија, јави дописникот на МИА од Приштина. Претходно, минатиот месец, Владата на Рамуш Харадинај, воведе такса од сто отсто на производи од Србија и од Босна и Херцеговина, но таа мерка не важеше за странските брендови кои се увезуваат од тие земји. Со новата мерка сите стоки кои ќе се увезуваат од Србија ќе треба да платат такса во висина од сто отсто од нивната вредност. Како што беше претходно објавено, во овој случај станува збор за девет странски компании, меѓу кои и „Кока-кола“. Денешната одлука на Владата во Приштина е донесена на предлог на Министерството за трговија и индустрија (МТИ) на Косово, а министерот Ендрит Шаља рече дека на Владата ѝ е сугерирано од страна на „пријатели партнери“ дека сите компании од Србија треба да имаат еднаков третман. Премиерот Харадинај истакна дека ова, како и поранешната одлука за зголемувањето на таксата за увозот од Србија и Босна и Херцеговина, е одговор на агресивната и непријателска политика на Белград кон Косово.